Збирката на историски предмети во НУ – Музеј „Западна Македонија во НОВ” – Кичево е најголема по обем и содржи предмети, односно оружје и друга воена опрема и прибор кое било користено за време на Народно-ослободителната и антифашистичка војна на Македонија (1941-1945 год.), од страна на значајни историски личности од поновата македонска историја, почнувајќи од народни херои од Македонија, носители на „Партизанска споменица 1941 година”, до други борци и учесници во НОАВМ (1941-1945 год.), што ја прави нејзината автентичност.
Исто така, има предмети кои се користеле и за време на Илинденскиот период (1903 год.), Првата светска војна (1914-1918 год.) како и за време меѓу двете светски војни.
Кубур и револвер „Гасер“
Историската збирка е разновидна по својата содржина. Таа содржи разновидно ладно и огнено оружје, воена опрема и прибор и други предмети поврзани со историски личности и настани. Исто така, дел од збирката е историскиот партизански воз „Малиот Ќиро”, сместен на платото пред Железничката станица во Кичево, кој претставува посебна културно-историска атракција за самиот град.
Мозикарник и направа за лиење куршуми
Во целина збирката на историски предмети во НУ – Музеј „Западна Македонија во НОВ” – Кичево, според времето на настанување, како и нејзиното историско значење претставува сведоштво од поширок интерес за проучување на општествено-економските и културно-историските прилики во Македонија од пред крајот на османското владеење во Македонија, заклучно со конечното ослободување и создавање на самостојна и независна Република Македонија.
Историското значење на оваа збирка може да се презентира преку личното наоружување на народните херои од Македонија, носители на „Партизанска споменица 1941 година”, како и другите борци и учесници во НОАВМ (1941-1945 год.)
Пушка „Крагуевка“, од народниот херој Мирко Милески
Во Музејот се наоѓаат и неколку предмети кои ги користеле членовите на англиската воена мисија, и тоа:
Англиска воена пушка, автомат „Стен”, радиостаница, англиска блуза, дел од падобран, преправен како кошула, карта на Балканскиот полуостров, англиско потекло, изработена на свила.
Историската збирка располага и со доста пушки, кубури, револвери, мозокарници и други предмети употрбувани за време на Илинденското востание од 1903 година.