Во НУ Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево се одржа промоција на монографијата „Топономастички студии за Кичевскиот Регион“ од авторот Давор Јанкулоски.
Ова научно дело е резултат на повеќегодишна посветена истражувачка работа на топонимиското наследство на Кичево и на Кичевскиот Регион. Во монографијата детално се обработуваат прашања поврзани со потеклото, значењето и специфичните јазични особености на имињата на населените места, хидронимите, микротопонимите, како и со сложените историски и културни процеси што низ вековите оставиле трага во топонимијата на овој крај.
За значењето на трудот и неговиот придонес кон македонската лингвистика и ономастика говореше проф. д-р Веселинка Лаброска, а низ разговор книгата ја претставија проф. д-р Јасминка Делова-Силјанова и авторот, д-р Давор Јанкулоски.
Оваа монографија претставуваат значаен чекор кон трајно зачувување и валоризација на јазичното, историското и културното богатство на Кичевскиот Регион.





