Основање на музејот

Музејот „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево основан е со Решение на Собранието на општина Кичево бр. 02-339 од 16 јануари 1973 година. За прв директор на музејот со истото Решение назначен е Јован Ангелески-Јовче.

Инаку објектот каде што е сместен музејот датира од 1892 година и преставува Споменик на културата бидејќи во текот на НОВ (1941-1944 год.) во него престојувале членови на ГШ на НОВ и ПО на Македонија, а од балконот  држени се говори за време на митинзите по повод Првото ослободување на Кичево (11 септември 1943 год.) и конечното ослободување на градот (15 ноември 1944 год.)

Инаку објектот каде што е сместен музејот датира од 1892 година и преставува Споменик на културата бидејќи во текот на НОВ (1941-1944 год.) во него престојувале членови на ГШ на НОВ и ПО на Македонија, а од балконот  држени се говори за време на митинзите по повод Првото ослободување на Кичево (11 септември 1943 год.) и конечното ослободување на градот (15 ноември 1944 год.)

Откако се звршени градежните работи во јануари 1975 година се донеува и Главниот проект за внатрешно уредување на музејот од проектантите: инг.арх. Александар Никољски, професор на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје и инг.арх. Илија Пулејков.

Во наредните години се собира музејски материјал, во најголем број подароци од борци и учесници во НОВ, како и членови на семејствата на загинатите борци. Во меѓувреме се работи и на самата музејска концепција изработена од Музеј на Македонија – Скопје, по проект радоводен од д-р Галена Куцуловска, кустос советник-историчар.

Во ликовно-уметничкото обликување на ентериерот учествува академскиот сликар Борко Лазески кој ги изработува фреските, мозаиците и други ликовни дела, како и неговиот асистент академскиот сликар Зоран Малиновски кој ги црта картите и ги пишува легендите. Макетите ги изработува Климе Коробар.

Музејот, за посетителите отворен на 11 октомври 1980 година, по повод празникот Ден на народното востание. Во исто време отворен е и Домот на културата „Кочо Рацин“.  По тој повод пред платото на музејот одржан е голем народен митинг. Во присуство на Благој Попов, претседател на Извршниот совет на СРМ, генералот Михајло Апостолски и други видни гости, на митингот говореја Јовко Јовкоски, претседател на Републичкиот одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ на Македонија и Левче Настески, претседател на Општинската конференција на СКМ на Кичево.

Во текот на наредниот период музејот продолжува со својата дејност, врши истражувања, собира, стручно и научно обработува, заштитува и презентира музејски материјал. Се формира Збирка на историски предмети, составена пред се од огнено оружје и тоа: пушки, пиштоли, револвери, кубури, автомати, пушкомитралези, од ладно оружје: ножеви, сабји, мечови, бајонети, бодежи, како и од други историски предмети: знамиња, делови од униформи, воена опрема и прибор и други предмети кои имаат историско значење.

Покрај историски предмети, музејот собира и етнолошки предмети, а со започнувањето на археолошките ископувања се формира и Збирка на археолошки предмети

Музејот организира самостојни или прифатени тематски и ликовни изложби, а се јавува и како издавач на свои изданија: книги, каталози, брошури, проспекти, плакати и разгледници, како и промотор на други книги и научни дела.

Во изминативе 30 години Музејот остварува соработка со локалната власт во Кичево, со многу сродни и културни институции низ државата, како и со голем број училишта од градот, општината и пошироко, бидејќи учениците се постојани посетители на нашиот музеј. Тој претставува центар на културните збиднувања во Кичево.

Од почетокот со работа на Музејот се финансира од 11 општини и тоа: Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струга, Охрид, Ресен, Битола,  Демир Хисар,  Крушево и  Македонски Брод, а денес Музејот, со Одлука на Владата на Република Македонија од 22 декември 2003 година, претставува Национална установа и се финансира од страна на Министерството за култура на Република Македонија.

Првиот директор на музејот Јовче Ангелески раководи со интитуцијата до 1988 година, а потоа за директор на музејот назначен е Душан Ристоски-кустос историчар, кој на оваа должност се наоѓа до 1999 година. На 12 мај 1999 година за директор на музејот назначен е Горан Стојаноски, а во 2003 година на оваа функција повторно доаѓа Душан Ристоски. На 25 март 2005 година за директор на музејот назначен е д-р Халим Пурелку, а на 12 мај истата година за в.д. директор повторно назначен е Душан Ристоски. На 1 август 2005 година, на оваа должност стапува Оломан Сулејмани кој останува до 31 јануари 2007 година. На 1 февруари 2007 година за в.д. директор назначена е Валентина Вељаноска, а од 1 јуни до 31 октомври 2007 година директор на музејот е Али Пурелку. Од 1 ноември до крајот на 2007 година в.д. директор е Ацо Нестороски, а од 1 јануари 2008 година директор на музејот е д-р Илми Велиу