Постојана музејска поставка

Постојаната музејска поставка која е сместена на приземјето и катот на површина од околу 400 м², на соодветен музеолошки приод, користејќи документи, фотографии, предмети, карти, скици и други придружни материјали - архитектонски и ликовно обликувани, ги истакнува најзначајните историски збиднувања во Народно-ослободителната и антифашистичка војна во Македонија (1941-1945 год.), на подрачјето од западниот дел на Македонија со градовите Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга окупирани од страна на фашистичка Италија, и Битола, Охрид, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод со нивните пошироки подрачја, окупирани од страна на фашистичка Бугарија.

vitrina vo sveceniot hol

Витрината во свечениот хол

Во свечениот хол на Музејот изработена е фреска која го симболизира тешкиот живот на нашиот народ под туѓинска власт, како и неговата борба до конечна слобода. Во првата витрина поставени се ликовите на народните херои од западниот дел на Македонија, ликовно претставени, како и дел од нивното лично наоружување. Околу неа поставени се знамињата на бригадите кои дејствувале на овој терен.

Хронолошки, самата музејска поставка не води од втората половина на XIX век, преку организираните буни и востанија на македонскиот народ против петвековниот османлиски окупатор. Најпрвин започнале да се формираат селски чети за самоодбрана, а во 1880/81 година избувнала Брсјачката буна, која ги зафатила градовите Кичево, Прилеп, Крушево и Охрид и над 60 села во овој дел на Македонија.

del od muzejskata postavka

Дел од музејската поставка

Покрај националноослободителните движења, односно буни и востанија во II половина на XIX век, доаѓа и до културна или народна преродба. Во посебна витрина претставени се дел од македонските преродбеници, заедно со факсимили од нивните дела.

Формирањето на Македонската револуционерна организација, во Солун на 23 октомври (4 ноември) 1893 година, зазема значајно место во историјата на македонскиот народ. На посебно место преставени се идеолозите на МРО: Гоце Делчев, Даме Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, Ѓорѓи Сугарев, четите кои дејствувале на овие простори, како и војводите од Кичевско.

 Илинденското востание од 2 август 1903 година и создавањето на Крушевската Република, претставено е со фотографии на Крушево пред и по востанието, збеговите на народот, претседателот на Крушевската република Никола Карев, како и факсимил од Крушевскиот манифест.

Кичево и Кичевско посебно место заземаат и за време на Илинденското востание од 1903 година. Се формираат чети предводени од војводите Јордан Пиперката од с. Козица, Наќе Јанев од с. Лавчани, Арсо Мицков од с. Подвис, Крсте Алексов од с. Душегубица, Ванчо Србаков од с. Вранештица и на 2 август 1903 година го напаѓаат турскиот аскер во Кичево, при што жестоки борби се водат низ Копачијата, на месноста Ѓурѓејца, кај с. Речани во месноста Подуач и низ цела Рбетинска Река.

del od muzejskata postavka1

Дел од музејската поставка

Во посебна витрина, преку фотографии и документи претставени се Младотурската револуција од 1908 година, Балканските војни од 1912/13 година, Првата светска војна (1914-1918 година), Париската мировна конференција (1919 година). Овие историски настани доведоа до поделба на македонската етничка територија при што егејскиот дел од Македонија го зазеде Грција, пиринскиот дел - Бугарија, а вардарскиот дел – Србија.

 Во посебен дел прикажан е животот во Кралството на СХС, односно Југославија, како и создавањето на македонското народно движење – МАНАПО, летото 1936 година.

На 6 април 1941 година започнала фашистичката окупација на Југославија, а со тоа и на Македонија, која повторно била поделена овојпат од фашистичките земји Германија, Италија и Бугарија. Кичево било окупирано на 13 април 1941 година од страна на германските фашистички војски, а подоцна на 17 мај 1941 година им било отстапено на италијанските фашистички сили. Дел од Кичевско, селата од реонот на Рбетинска Река, Долна Кичевија и Прекутурла потпаднале под бугарска фашистичка окупација.

del od muzejskata postavka prizemje

Дел од музејската поставка-приземје

Веднаш по окупацијата Македонија, биле преземени мерки за отпочнување на борбата против фашистичкиот окупатор. Во почетокот на септември 1941 година бил формиран нов Покраински комитет на КП за Македонија и Покраински штаб на НОПО на Македонија.

Почетокот на востанието против фашистичкиот окупатор, 11 октомври 1941 година, претставено е со фреска на ѕидот, изработена од академскиот сликар Борко Лазески.

del od muzejskata postavka2

Дел од музејската поставка

И во Кичево биле преземени мерки за организирано дејствување против окупаторот. За таа цел на 10 октомври 1941 година бил формиран Месен комитет на КПМ за Кичево. Во поставката изложени се портрети на сите членови, како и фотографија на куќата каде што е формиран Месниот комитет за Кичево.

Во текот на 1942 година се случиле неколку поважни настани, кои соодветно се претставени во поставката, и тоа: на  28 март бил организиран штрајк на патарските работници; на 22 април биле затворени секретарот и повеќемина членови на Местниот комитет на КПМ за Кичево; на 15 јуни биле организирани демонстрации на жените против окупаторските власти; на 15 октомври бил организиран штрајк на железничарите; во текот на целата година во повеќе села биле формирани илегални Народно-ослободителни одбори, како први органи на народната власт.

Постојаната музејска поставка продолжува со историските настани во 1943 година. Најпрвин на макета е претсавена куќата во Тетово каде што на 19 март 1943 година е одржан првиот состанок на ЦК на КПМ.

Пролетта 1943 година во месноста Лопушник била формирана партизанска база, каде што биле сместнени ЦК на КПМ и ГШ на НОВ и ПО на Македонија, како и Првата партизанска печатница „Гоце Делчев“.

del od muzejskata postavka 1 sprat

Дел од музејската поставка (спрат, 1 сала)

На 25 март 1943 година бил формиран Првиот кичевски партизански одред „Козјак“, а на 21 мај 1943 година бил формиран Кичевско-мавровскиот ПО. Преку фотографии, документи, карти, скици, како и со макетите на колибите во Лопушник и партизнската печатница, претставени се историските настани од првата половина на 1943 година. Со портрет претставен е ликот на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин, кој на 13 јуни 1943 година го изгубил својот живот во месноста Мал Лопушник.

del od muzejskata postavka sprat sala 1

Дел од музејската поставка (спрат, сала 1)

Посебно место зазема и формирањето на Првиот македонски баталјон „Мирче Ацев“ на 18 август 1943 година на Славеј Планина.

По капитулацијата на фашистичка Италија на 8 септември 1943 година, која во музејот е претставена со мозаик, на 11 септември 1943 година борците на Вториот кичевски и Првиот мавровски ПО, а следниот ден и борците од баталјонот „Мирче Ацев“ влегуваат во Кичево и со тоа Кичево е првоослободениот град во Македонја за време на НОВ (1941-1945 година). Покрај Кичево ослободен е и Дебар и се создава слободна територија од планината Буковиќ на север до селото Ботун на југ.

Во музејската поставка се наоѓаат фотографии, документи, карти, скици, цртежи, како и голем број историски предмети со кои е прикажан животот на слободната територија, и тоа: митинзите и говорите, создавањето на месните НОО, Првото училиште на македонски јазик во с. Подвис, користењето на возот од страна на партизнските единици и населението, формирањето на верското референтство, се до борбите за одбрана на слободната територија на 1 октомври 1943 година на Буковиќ и на 5 и 6 октомври 1943 година кај с. Кленоец.

sobata kaj sto prestojuvale clenovi na GS na NOV

Спомен собата каде што престојувале членови на ГШ на НОВ и ПО на Македонија (септември 1943 год.)

Во овој период во Кичево, токму во музејот бил сместен и Главниот штаб на НОВ и ПОМ на чело со командантот Михајло Апостолски. Во овој дел на музејот се наоѓа и Спомен собата во кои се наоѓаат историски предмети, документи, карти и скици.

Во посебна витрина се наоѓаат: англиска пушка, пиштол „Патент“, автомат „Стен“, дел од падобран и карта на Балканскиот полуостров, изработена на свила, посветени на Англиската воена мисија при ГШ на НОВ и ПОМ.

Постојаната музејска поставка продолжува со формирањето на Првата македонско-косовска НОУ бригада на 11 ноември 1943 година во с. Сливово, потоа Февруарскиот поход (февруари 1944 година), како и враќањето на бригадата во овој дел на Македонија (пролетта 1944 година) и формирањето на Првата македонска НО бригада на 8 јуни 1944 година во с. Локов, Струшко.

Посебно место во поставката зазема одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Изложени се документите донесени на АСНОМ како и фотографии на Методија Андонов Ченто, претседателот на Президиумот на АСНОМ и на секретарот д-р Владимир Полежиноски, правник од Кичево.

del od muzejskata postavka Prvo zasedanie na ASNOM 2 avgust 1944

Дел од музејската поставка (Прво заседание на АСНОМ, 2 август 1944 год., Манастир „Св. Прохор Пчински“, спрат, 2 сала)

Потоа музејската поставка продолжува со завршните операции за ослободување на Македонија (19 ноември 1944 година), пробивот на Сремскиот фронт (април 1945 година) во кој учествува 15 македонски корпус. Во овој дел се наоѓаат пушкомитралези од советско производство, италијанска „Бреда“, чешка „Зброевка“, германски „Шарец“ и дански „Мадсен“.

Постојаната музејска поставка завршува со фотографии од референдумот за самостојна и независна Република Македонија од 8 септември 1991 година.